Процесот на вработување во ПроКредит Банка е многу повеќе од избор на добра биографија

Првиот чекор во градење на квалитетниот кадар е паметна селекција

1

 

Пронаоѓање на квалитетен кадар за ПроКредит Банка не значи избор на најдобрите 10 биографии доставени на оглас за апликација. Од своето основање во 2003 година па се до денес, банката практикува многу поразличен пристап за селекција на своите вработени и врши индивидуална евалуација на секој кандидат. Процесот на вработување во ПроКредит Банка се издвојува по својата правичност, отвореност и критериуми кои банката смета дека се релевантни. Бараме луѓе кои не се индиферентни на случувањата во нивната средина, кои се залагаат и веруваат во демократско, слободно, отворено, социјално и еколошки одржливо општество и работна средина. За разлика од повеќето огласи каде ретко се бара кандидат без работно искуство, ПроКредит Банка континуирано нуди можност за вработување на лица кои немаат работно искуство по нивното дипломирање. Ова се разбира не е наједноставната опција за банката како работодавач. Инвестирање во дополнителна обука за развој на вработените, е екстензивен процес за секоја компанија кој бара изработка на соодветни програми, ангажман на интерни ресурси,како и градење на култура за споделување на знаење, што го прави процесот на оспособување на кадарот подолг и поскап. Токму поради овие причини, вообичаена пракса на останатите финансиски институции е таргетирање кадар со соодветно искуство кој што понатаму може лесно да го интегрираат на постоечките работни позиции, без дополнително инвестирање во негова обука.

Сите заинтересирани кандидати за работа доставуваат своја биографија и мотивациско писмо кое е од особено значење за банката. Иако кандидатите понекогаш го потценуваат значењето на мотивациското писмо и сметаат дека е само проформа документ, за нас истото е од големо значење, бидејќи дава јасна слика за мотивацијата, интересите на кандидатот, и прикажува кои допирни точки би можеле да се идентификуваат помеѓу кандидатот и банката. Мотивациското писмо ни овозможува да разбереме како еден машински инжинер, социолог, математичар, ја гледа својата перспектива во банката и каде ќе може да го даде својот придонес.

По анализа на биографијата и мотивациското писмо, кандидатот е контактиран од одделот за човечки ресурси, со цел да се процени неговата/нејзината мотивација за работа во банката. По успешен разговор, кандидатите добиваат покана за присуство на “Recruitment day” каде треба да решат тест по математика, да учествуваат во групна дискусија на теми кои што се од  општествено –социјален интерес и на крај се покануваат на индивидуално интервју со менаџментот на Банката. Многу често има прашања дали тестот по математика е неопходен во процесот на селекција на нови вработени. Да се разбира, заради тоа што преку резултатите од тестот може да добиеме прв впечаток за потенцијалниот кандидат од аспект на неговото логичко размислување, можност за работа под притисок од време, брзина, пресметување на едноставни математички операции без калкулатор и слично.

Секој нововработен потоа поминува низ шест месечна Воведна програма која што се организира на меѓународно ниво, во Центарот за обука на Авала, во близината на Белград. Поголем број на кандидати, од различни земји каде ПроКредит функционира како банка, заедно поминуваат низ теоретска и практична обука на англиски јазик во областа на банкарството, филозофијата, етиката, заштитата на животната средина и многу други области. На тој начин, во период од шест месеци, новите вработени имаат можност да се запознаат со банката, колегите и стратегијата за работа на ПроКредит групација.

Иако процесот за вработување во банката на прв поглед изгледа екстензивен, и е сериозна инвестиција од страна на банката и во смисла на инволвирани ресурси и инвестирано време, истиот активно се применува речиси 10тина години. На овој начин Банката има можност подобро да ги запознае потенцијалните вработени, вредностите кои ги носат, квалитетите кои ги поседуваат, и како истите ќе се вклопат во институцијата. Од друга страна ова е можност и за кандидатите да одлучат дали се идентификуваат со целите на институцијата, очекувањата од секој вработен и принципите на работа во банката, кои се споделуваат директно и транспарентно во текот на Воведната програма. Сите досегашни успешни вработувања се само уште еден доказ за ПроКредит Банка дека овој процес е вистинскиот пат за селекција на нови вработени.

ПроКредит Банка гради тим од луѓе чија професионална определба и лични интереси можат да се разликуваат целосно. На пример некои од нашите вработени во приватниот живот се поети, уметници, фотографи, земјоделци, спортисти, итн. Нивните различни животни искуства ја прават ПроКредит Банка уникатна и креираат предност во споредба со сите други компании, каде се очекува монотоно и скоро идентично однесување од секој вработен.

Нашиот пристап кон вработените (нови и постоечки) е единствен и екслузивен. Веруваме пред се во луѓето, нивните вредности и во континуиран дијалог, наспроти позиции, титули и бонуси. Овој пристап е резултат на категоричко верување во вредностите кои за жал во трката за профит, во ова модерно време во кое живееме се игнорираат или се ставаат во втор план. ПроКредит Банка им нуди можност на вработените да креираат една успешна банкарска приказна со чиста совест, одговорно и со чувство дека прават нешто добро за економијата, општеството и идните генерации во земјата.